Министерството за транспорт најави почеток на постапка за конфискација на објект кој е нелегално изграден на спортскиот аеродром Стенковец во Скопје.
Според министерот Александар Николоски, Министерството, како надлежно за објекти од прва категорија – меѓу кои спаѓаат аеродроми, терциерни болници, универзитетски објекти, спортски сали и стадиони – активно работи на решавање на проблемот со нелегално изградени објекти од ваков тип.
Во координација со Агенцијата за цивилно воздухопловство, Државниот градежен инспекторат и Аероклубот на Стенковец, ќе се започне официјална постапка за конфискација на објектот. Тој е целосно изграден на државно земјиште, а надлежните институции ќе поднесат иницијатива до Обвинителството и Судот за објектот да премине во сопственост на државата. Намерата е просториите да се користат за потребите на Агенцијата за цивилно воздухопловство и за тренинзи на пилоти.
„Ова е јасна порака дека нема да се толерираат нелегални градби на места каде Министерството за транспорт и Државниот градежен инспекторат имаат надлежност“, истакна Николоски.


















