Две лица се тешко повредени во сообраќајниот инцидент што вчера се случил во струмичкото село Банско, откако товарно возило „Форд транзит“ удрило во полициски службеник од Фронтекс, а потоа и во трактор.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата се случила на 13 септември околу 12:30 часот. Полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Ново Село, заедно со службеници од Фронтекс, во рамки на своите службени активности забележале товарно возило „Форд транзит“ со струмички регистарски ознаки, кое било натоварено со дрва.
Со возилото управувал 33-годишниот Ф.И. од Банско. Кога службениците се обиделе да го контролираат возилото и возачот, тој го придвижил товарното возило.
При тоа, „Форд транзитот“ удрил во полициски службеник од Фронтекс, државјанин на Република Полска. По ударот, возилото продолжило и се судрило со трактор „ИМТ“, управуван од 52-годишниот Ѓ.М., исто така од Банско.
Во инцидентот тешки телесни повреди се здобиле полскиот полициски службеник и возачот на товарното возило Ф.И. Повредите биле констатирани во Медицинскиот центар во Струмица, каде што биле прегледани.
При извршениот увид биле утврдени и дополнителни неправилности. Имено, полицијата констатирала дека 52-годишниот возач на тракторот го управувал возилото без да поседува положен возачки испит.
Возачот на „Форд транзит“ бил лишен од слобода, а полицијата продолжува со расчистување и документирање на целиот случај.
Од МВР информираат дека по целосното расчистување на околностите и комплетирањето на документацијата, ќе следува соодветен поднесок.






