ПРВ.мк
Македонија

Не фрлајте отпушоци и не палете оган! Ангелов предупреди на опасност од катастрофални пожари

Не фрлајте отпушоци и не палете оган! Ангелов предупреди на опасност од катастрофални пожари

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, упати апел до граѓаните да бидат крајно внимателни во наредните денови, кога земјава ќе биде зафатена од силен топлотен бран и значително ќе се зголеми опасноста од пожари на отворен простор.

Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, во текот на продолжениот викенд и следната седмица времето ќе биде претежно сончево и многу топло. Дневните температури ќе бидат над 32 степени во целата држава, а на одделни места ќе достигнат и надминат 40 степени Целзиусови. Високи температури се очекуваат и во ноќните часови.

Ангелов посочи дека во текот на јули во просек биле регистрирани околу 15 пожари дневно, а неодамнешните локални врнежи помогнале во нивното полесно локализирање. Сепак, со престанокот на дождовите ситуацијата станува значително поризична.

„Бујната вегетација наскоро ќе стане целосно сува, а во комбинација со високите температури, ниската влажност и променливиот ветер се создаваат идеални услови за брзо ширење на пожарите. Понекогаш е доволна само една искра за да избувне катастрофален пожар“, предупреди Ангелов.

Тој ги повика граѓаните да не фрлаат отпушоци од цигари, особено од возила во движење, да не палат скара или оган на отворено и во шуми, како и да ја исчистат сувата трева и грмушките околу викендичките и семејните куќи.

Апел упати и до земјоделците и сточарите да не палат стрништа и пасишта.

Воедно, Ангелов ги повика граѓаните веднаш да пријавуваат сомнително однесување на бројот 112 или во најблиската полициска станица, особено ако забележат лица кои носат запаливи течности, факели, огномет или автомобилски гуми во шумски и планински предели.

„Секој што ќе предизвика пожар треба да сноси одговорност и да заврши во затвор“, порача директорот на Дирекцијата за заштита и спасување.