ПРВ.мк
Црна Хроника

Последно збогум за Стојан Здравевски: Битола загуби еден од своите најпознати музичари

Последно збогум за Стојан Здравевски: Битола загуби еден од своите најпознати музичари

Македонската музичка сцена остана без уште едно препознатливо име. На 63-годишна возраст почина Стојан Здравевски – Столе, долгогодишен член и еден од основачите на битолската музичка група „Боеми“.

Столе беше препознатлив по мајсторството на кларинетот, но и по својот вокал, со кој повеќе од три децении беше неизоставен дел од настапите на групата.

Својата музичка кариера ја започнал во групата „Боцкин“, а во 1989 година, заедно со Тони, Панскиот, Ѓершано и Стево, ја формирал групата „Боеми“, која со текот на годините стана еден од најпознатите музички состави во Битола и пошироко.

По повод еден од јубилеите на групата, Столе раскажуваше дека идејата за формирање на „Боеми“ произлегла од дружењата во мандолинскиот оркестар под водство на диригентот Живко Пармаковски. Од тие пријателства се родила музичката приказна што траеше повеќе од три децении.

Со „Боеми“ настапуваше на бројни фестивали, концерти и семејни веселби, изведувајќи македонски и поранешни југословенски хитови. За својот придонес во музиката, заедно со групата, беше добитник на повеќе фестивалски и општествени признанија.

Посмртните останки на Стојан Здравевски – Столе ќе бидат изложени на 1 август во храмот „Св. Димитриј“ во Битола, од 11 до 13 часот, по што ќе биде извршен погребот на старите Светонеделски гробишта.