ПРВ.мк
Македонија

Најкритично е во Кавадарци: Пожарот и натаму беснее, интервенираа хеликоптери и ер-трактори

Најкритично е во Кавадарци: Пожарот и натаму беснее, интервенираа хеликоптери и ер-трактори

Само еден пожар на отворен простор останува активен во Македонија, а според надлежните, најсериозна е состојбата во Општина Кавадарци.

Огнената стихија сè уште гори на потегот меѓу селата Раец, Ќесендре и Дреново, каде што се зафатени шума, нискостеблеста вегетација и сува тревна покривка.

Во меѓувреме, успешно се изгаснати четири други пожари – кај локалитетот Теќе и на улицата „Дебарска“ во Прилеп, меѓу селата Шемшово и Сиричино во Општина Теарце, како и кај селата Глуво и Мирковци во Општина Чучер Сандево.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека најголемите напори биле насочени кон пожарот во Кавадарци, каде што во гаснењето биле вклучени два ер-трактора, како и полициски и армиски хеликоптер.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, посочи дека силниот ветер и високите температури придонеле пожарот брзо да се прошири, зафаќајќи површина во должина од околу седум километри и приближувајќи се до околината на селата Дреново, Раец и Ќесендре. Надлежните и понатаму остануваат на терен во обид целосно да го локализираат пожарот.