Институтот за јавно здравје апелира родителите да бидат особено внимателни во деновите со екстремно високи температури, бидејќи доенчињата и малите деца се меѓу најранливите категории кога станува збор за топлотните бранови.
Според препораките, бебињата не треба да се изложуваат на директно сонце, особено во периодот од 11 до 17 часот. Се советува носење лесна и светла облека од природни материјали, како и задолжителна заштита на главата со капа. Кај доенчињата помлади од шест месеци не се препорачува употреба на креми за сончање, туку заштита со сенка и соодветна облека.
За бебињата постари од шест месеци може да се користи крем со заштитен фактор SPF 30 или повисок, а родителите треба да обезбедат и доволен внес на течности, како и престој на отворено само во посвежите делови од денот.
Кај предучилишните деца, ИЈЗ препорачува ограничување на физичките активности во најтоплиот дел од денот, редовно внесување вода и избегнување директно изложување на сонце. Особено се нагласува дека децата никогаш не смеат да се оставаат сами во паркирано возило, дури ни на неколку минути.
Од Институтот предупредуваат родителите да внимаваат на знаци како силна жед, сува уста, намалено мокрење, вртоглавица, слабост, висока температура, повраќање или изразена поспаност. Доколку детето има нарушена свест, грчеви или состојбата брзо му се влошува, потребно е веднаш да се побара итна медицинска помош.







