Во следните денови Македонија влегува под силно влијание на медитерански циклон и студен бран од север. Времето до недела (30 ноември) ќе биде облачно, постудено и со чести врнежи од дожд, кои локално ќе бидат обилни, поројни и проследени со грмежи.
Ќе дува слаб до умерен, а периодично и засилен северен ветер. На планините над 1500 метри се очекуваат врнежи од снег со формирање на нова снежна покривка.
И во Скопје продолжува нестабилното време – обилни врнежи од дожд, силен северен ветер и услови за зголемување на водостоите. На одредени локации до недела може да наврнат над 50 литри дожд, па се апелира до возачите и граѓаните да бидат внимателни, особено во близина на водотеци.
Најдраматичната промена доаѓа за време на викендот: студениот бран дополнително ќе се засили, а во недела снег ќе има и на места под 1000 метри надморска височина. Ова значи дека снег е можен и во многу населени места низ Македонија, а на повисоките делови од Скопската котлина може да има и провејување.
Температурите викендов значително паѓаат – од 3 до 11 степени, а во Скопје максимум околу 7.
















