ПРВ.мк
Македонија

Наближува Света Петка – зимскиот празник што ја најавува сезоната на православни слави

Наближува Света Петка – зимскиот празник што ја најавува сезоната на православни слави

Во понеделник, на 27 октомври, православните верници ја одбележуваат Света Петка – зимска, празник кој со векови е длабоко вкоренет во традицијата на македонскиот народ. Светата Петка, позната и како Преподобна мајка Параскева, се смета за заштитничка на жените, болните и сиромашните, а нејзиниот ден го означува и симболичниот почеток на зимските православни слави.

Кој е празникот и зошто е значаен?

Празникот на Света Петка е длабоко почитуван, особено во руралните средини каде што се слави како домашна слава, со гозби, служби, чекање гости и традиционални обичаи. Многу извори и места со лековита вода го носат нејзиното име – наречени се „Петочни води“, верувајќи дека имаат исцелителна моќ.

Именден слават лица со имиња како: Петко, Петкана, Параскева, Пенка и други изведени варијации.

Три свети Петки – едно име, различни личности

Иако народот најчесто мисли дека станува збор за една светица, Светата православна црква признава три различни личности со името Параскева:

  1. Света Петка Епиватска (Трновска) – најпознатата, чиј спомен се слави на 27 октомври (14 октомври по стар календар).
  2. Света Петка Римјанка – маченичка која живеела во 2 век и се празнува на 26 јули/8 август. На иконите ја претставуваат со чинија со очи, симбол на исцелување.
  3. Света Петка од Иконија – маченичка од времето на Диоклецијан, позната по тоа што одбила раскошен живот за да остане верна на Христа.

Народни верувања и значење на сонувањето Света Петка

Според народната традиција, ако Света Петка ви се појави во сон, тоа може да биде:

  • благослов и награда за вашата вера, или
  • предупредување дека треба да го промените однесувањето и животниот пат.

Симболика на името Параскева

Името Параскева на грчки значи „подготовка“, бидејќи петокот е ден на подготовка пред сабота – денот на одмор и празнување кај Евреите во претхристијанската традиција. Оттаму и значењето на петокот како посебен ден во христијанската традиција.

Празнувањето на Света Петка не е само духовен момент, туку и можност за семејно собирање, почит кон традицијата и размислување за вредностите на верата, добрината и пожртвуваноста.

Escape