Поранешниот руски воен лекар и дезертер Алексeј Жиљаев, кој на медиумите им предал чувствителна база на податоци од руското Министерство за одбрана, е пронајден во Франција во тешка здравствена состојба. Според извори блиски до случајот, Жиљаев бил хоспитализиран поради сериозни невролошки симптоми – не може да оди и ја изгубил меморијата. Пријателите и колегите го барале со месеци, откако целосно исчезнал, а француските лекари ја исклучиле можноста за труење.
Жиљаев, кој бил студент по медицина, на крајот од 2023 година доброволно заминал на фронтот, каде одблиску ја видел состојбата на воените инвалиди во руските болници. Во август 2024 година добил краток одмор, но никогаш не се вратил во единицата. Со помош на организацијата „Идете низ шума“ успеал да избега во Франција, каде поднел барање за азил.
Пред бегството, тој од Русија изнел USB со база на податоци од 166.000 пациенти третирани во воените болници во Русија и на анексираниот Крим. Автентичноста на податоците ја потврдија новинарите на Радио Слободна Европа, кои известија дека станува збор за детални медицински досиеја на војници, офицери и ветерани.
Фондот „Идете низ шума“ потврди дека Жиљаев се соочувал со сериозни финансиски проблеми, долгови и посттрауматски стрес поради искуствата од фронтот.
Случајот се случува во чувствителен момент, кога во Франција и низ Европа се забележуваат повеќе мистериозни напади врз руски опозициски активисти и дезертери. Инцидентот со Жиљаев дополнително ги зголемува сомнежите за можно таргетирање на лица што ја напуштиле руската војска и предале информации на западните медиуми.















