ПРВ.мк
Македонија

МВР СЕ ОГЛАСИ ЗА ПОЛИЦИСКОТО УЧИЛИШТЕ: Еве зошто кандидат не бил повикан на тестирање

МВР СЕ ОГЛАСИ ЗА ПОЛИЦИСКОТО УЧИЛИШТЕ: Еве зошто кандидат не бил повикан на тестирање

Министерството за внатрешни работи реагираше на информациите во јавноста дека кандидат за прием во Средното полициско училиште „7-ми Мај“ не бил повикан на проверка на моторичките способности, иако наводно ги исполнувал условите.

Од МВР ги демантираат ваквите тврдења и нагласуваат дека процесот на селекција сè уште трае и се спроведува во повеќе последователни фази, објави 4news.mk.

На тестирањето на моторичките способности се повикуваат само кандидатите кои претходно успешно ја поминале административната селекција.

Во оваа фаза, меѓу другото, се проверува дали кандидатот има најмалку „добар“ општ успех во двете завршени години од средното образование, како и дали му биле изрекувани педагошки мерки во прва и втора година.

Според МВР, кандидатот за кој се појавиле наводите во јавноста не бил повикан на проверка на моторичките способности бидејќи не ја поминал административната селекција, односно не ги исполнил сите потребни услови.

По завршувањето на целата постапка, сите кандидати ќе бидат информирани за резултатите, а ќе имаат можност и за увид во документацијата согласно утврдената процедура.

Од Министерството апелираат да не се пласираат непроверени информации пред официјално да заврши селекцијата и нагласуваат дека постапката се спроведува професионално, според критериумите од јавниот повик и со еднаков третман за сите кандидати.