Министерството за внатрешни работи ќе изготви посебен безбедносен план за Маврово за претстојната зимска туристичка сезона, со цел подобро справување со зголемениот број посетители и обезбедување непречен сообраќај и јавен ред.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, при работната посета на Полициското одделение Маврово истакна дека фокусот ќе биде ставен на подобра организација на сообраќајот, навремено реагирање при зголемена фреквенција на туристи и распоредување соодветен број полициски службеници на терен.
Според најавите, планот ќе опфати засилено полициско присуство во клучните туристички зони, подобра координација на службите и превентивни мерки за спречување сообраќајни и безбедносни инциденти во периодот на најголема посетеност.
За време на посетата на Полициското одделение Ростуше, беше разгледана и можноста за обука на локални полициски службеници за вршење увиди при сообраќајни незгоди. Оваа мерка треба да овозможи побрзо завршување на постапките и да се избегнат подолги блокади на патиштата, имајќи предвид дека досега увидите ги вршеа екипи од Гостивар.
Дополнително, во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено прашањето за користење дел од просторот за потребите на локалната заедница, односно обезбедување паркинг простор за жителите, како практично решение за секојдневните потреби.
Со овие мерки, МВР најавува поорганизирана и побезбедна зимска сезона во Маврово, со посебен акцент на безбедноста на граѓаните и туристите.
















