Министерството за внатрешни работи соопшти дека во текот на изминатиот викенд полициските службеници спровеле засилени сообраќајни контроли низ целата држава, при што биле издадени вкупно 1.355 платни налози за различни сообраќајни прекршоци.
Најголем дел од санкциите, односно 412, биле изречени за возачи кои ја надминале дозволената брзина на движење.
Во рамки на контролите, поради безобѕирно управување со возило биле лишени од слобода 38 возачи. Од нив, шестмина биле затекнати како управуваат возило под дејство на алкохол, 14 возеле без возачка дозвола, а четворица седнале зад волан и покрај претходно изречена забрана за управување со моторно возило.
Во истиот период, согласно член 300-б од Кривичниот законик, одземени биле и 14 возила.
Полициската статистика покажува дека биле регистрирани и 212 прекршоци за неправилно паркирање, како и 70 санкции за возење под дејство на алкохол.
Контролите опфатиле и мотоциклисти, при што 78 возачи биле казнети затоа што не носеле заштитен шлем. Дополнително, санкционирани биле 108 учесници во сообраќајот поради некористење сигурносен појас.
Според Законот за возила, од сообраќај биле исклучени 15 нерегистрирани возила, додека уште осум биле отстранети поради утврдена техничка неисправност.
МВР соопшти и дека тројца возачи биле санкционирани затоа што не ги исполнувале законските услови за затемнување на стаклата на нивните возила со фолии.
Од Министерството најавуваат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел подобрување на безбедноста на патиштата и намалување на бројот на сообраќајни прекршоци и несреќи.








