Државата подготвува пакет мерки што ќе им овозможи на младите граѓани и брачни парови полесно да стигнат до сопствен дом. На денешната средба меѓу гувернерот Трајко Славески и директорот на Катастарот Иван Живковски се разговарало за состојбата на пазарот со недвижности и новите можности за кредитирање при купување на прв стан.
Славески најавил дека во фокусот ќе бидат објектите за живеење, а не инвестиционите станови, со што ќе се направи јасна разлика меѓу кредитите за лични потреби и оние за профит. Со ваквиот пристап ќе се создадат услови младите семејства полесно да дојдат до сопствено живеалиште, но и да се влијае врз стабилизирањето на цените на недвижностите.
„Нашата цел е граѓаните што имаат вистинска потреба од сопствен дом да добијат поповолни услови за кредитирање, особено во време кога цените растат“, истакна гувернерот.
Живковски, пак, потврди дека Катастарот е подготвен за поинтензивна соработка со Народната банка, при што најави повторно активирање на Регистарот на цени и закупнини.
За таа цел, ќе биде потпишан и меморандум за соработка меѓу институциите, со кој ќе се овозможи побрза размена на информации, подобра анализа на пазарните трендови и поефикасна поддршка за граѓаните во решавање на станбеното прашање.
Доколку мерките стапат во сила, младите парови ќе имаат значително полесен пристап до кредити за својот прв дом.