Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, одржа работен состанок со директорите на сите општински основни училишта во пресрет на почетокот на новата учебна година. Главна тема беа финалните подготовки за првиот училишен ден.
Во сите училишта во општината во тек се активности за темелно чистење, а во наредните денови ќе се спроведат дезинфекција, дезинсекција и дератизација, со цел да се обезбедат максимално безбедни и хигиенски услови за учениците и наставниот кадар.
За прв пат оваа година, Општина Центар обезбедува бесплатни униформи за сите ученици од општинските основни училишта. Униформите ќе бидат задолжителни и ќе се носат секојдневно.
Дополнително, веќе трета година по ред, сите првачиња ќе добијат бесплатни ранци и училишен прибор. Оваа иницијатива е дел од заложбата на општината да ги поддржи семејствата и да обезбеди подеднакви услови за сите деца.
Градоначалникот Герасимовски изјави:
„Вложуваме во образованието, вложуваме во нашата иднина. Сакаме да им овозможиме на децата еднакви услови за учење и да покажеме дека образованието е еден од нашите највисоки приоритети.“
Новата учебна година ќе започне во подобрени услови, со конкретна поддршка за учениците и нивните родители.