Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека засега нема да се извршува реконструкција на Владата, иако се празни ресорите на вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити. Пополнувањето на овие места ќе зависи од него како мандатар.
Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ја предводи имаат стабилно мнозинство во Парламентот и дека на локалните избори освоиле 80 отсто од градоначалничките места. Тој појасни дека предложените кадровски решенија од коалициските партнери нема да значат зголемување на бројот на ресори во Владата.
„Се фокусираме на редовниот партиски конгрес на 6 декември и формирање на партиските структури. Додека тоа трае, ќе размислуваме за кадровски поместувања, но последниот збор ќе го имам јас како мандатар“, подвлече Мицкоски.
Премиерот додаде дека реконструкцијата не се прави само заради самата промена, туку новите кадровски решенија треба да бидат подобри од претходните.
„Секој кој ќе ја замени друга функција треба да понуди подобра програма и перформанси за да имаме подобра испорака. Ако не, тогаш реконструкцијата е без суштина“, посочи Мицкоски.
Тој додаде дека досега не водел разговори со други структури за можни промени и дека очекува наскоро да бидат објавени имињата за пополнување на испразнетите места.
















