На земјен пат што води кон селото Бусилци, во општина Чашка, вчера попладне било пронајдено безживотно тело на 58-годишен маж од Велес, потврдија од Министерството за внатрешни работи.
Според официјалните информации, случајот бил пријавен во Полициското одделение Чашка околу 13:55 часот. Веднаш по пријавата, на местото излегле полициски екипи и Итна медицинска помош, а лекарот ја констатирал смртта.
Починатиот е идентификуван како Ѓ.Ѓ. (58) од Велес. Засега не се познати причините за смртта, а телото е предадено на обдукција по наредба на јавен обвинител.
Полицијата извршила увид и, како што информираат од МВР, се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности под кои настапила смртта.
















