Во скопската населба Бит-пазар ноќеска е спречена можена трагедија, откако во гаража од семејна куќа била пронајдена рачна бомба прицврстена на автомобил.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, околу 1 часот по полноќ непознато лице влегло во гаражата од куќа во сопственост на маж со иницијали Е.Р., кој моментално живее во Италија. Набргу потоа, сопственикот добил заканувачка порака во која му било соопштено дека во неговото возило е поставена експлозивна направа.
Полициски екипи веднаш излегле на терен и при преглед на возилото „фиат“ со скопски регистарски таблички, пронашле рачна бомба „М75“ прицврстена со жица на рачката од возачката врата.
При дополнителен преглед на друго возило — „фиат“ со италијански регистарски ознаки, сопственост на братот на Е.Р., во багажникот била откриена кутија со 100 куршуми калибар 7,62 милиметри за автоматско оружје.
Бомбата била безбедно отстранета, а просторот целосно обезбеден. МВР презема мерки за целосно расчистување на случајот и идентификација на сторителите.
















