Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги посети гробиштата во Кочани, каде се погребани дел од жртвите на трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Без официјално соопштение од Владата, тој запали свеќа и им изрази сочувство на родителите.
Посетата беше приватна, а јавноста дозна за неа преку објава на Тошо Антов, татко на трагично загинатата Ивона Антова.
„Само тивок и достоинствен чин. За нас родителите, секој што ќе застане со почит пред нашата болка е пред сè човек. Денес така го доживеав и премиерот. Ве молам, не ја злоупотребувајте оваа болка за политика. Болката е наша, а гестот беше човечки“, напиша Антов.
Мицкоски претходно престојуваше во Кочани на службен настан – отворањето на новата хала на компанијата „Амфенол“.
Во катастрофалниот пожар во „Пулс“ на 16 март животите ги загубија 62 лица, најголем дел млади.