ПРВ.мк
Македонија

Мицкоски со порака до учениците: Од „компјутер за секое дете“ до „учебник за секое дете“ – нова ера во образованието?

Мицкоски со порака до учениците: Од „компјутер за секое дете“ до „учебник за секое дете“ – нова ера во образованието?

Со почетокот на новата учебна година, премиерот Христијан Мицкоски го посети основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во општина Кисела Вода, каде што им се обрати на учениците, наставниците и родителите. Тој ја искористи приликата да испрати неколку пораки, нагласувајќи ја важноста на образованието и иднината на младите генерации.

Мицкоски потсети дека по долги години конечно е обезбедено учениците уште на првиот училишен ден да ги имаат учебниците во раце. Тој се извини на родителите што пред 15 години во Македонија се зборувало за проектот „компјутер за секое дете“, а денес, по толку време, се водат разговори за нешто основно – учебник за секое дете. Сепак, тој нагласи дека иднината ќе се гради врз нови технологии, меѓу кои и вештачката интелигенција, која ќе стане дел од образовниот процес и ќе ги подготви учениците за предизвиците што следуваат.

Премиерот посочи уште една важна новина – за првпат по седум до осум години учениците ќе имаат учебници на странски јазици, како англиски, германски и француски. Според него, тоа е клучен чекор за поврзување со младите надвор од границите на Македонија и градење нови пријателства и можности.

Во своето обраќање, Мицкоски упати благодарност до министерката за образованието за нејзината посветеност и труд изминативе 15 месеци, нагласувајќи дека зад сето ова стојат бројни состаноци и организација. Благодарност упати и до градоначалникот на Кисела Вода, за кого рече дека има големи амбиции и планови не само за општината туку и за Скопје.

Кон учениците и наставниците премиерот испрати порака за важноста на семејството и татковината. Тој нагласи дека ова се години кога најмладите треба да учат за најосновните вредности – љубовта кон семејството и почитта кон својата земја. Мицкоски изрази уверување дека наставниците ќе знаат да ги пренесат овие вредности на вистински начин, а дека првоодделенчињата сè што ќе научат за семејството и Македонија ќе го носат со себе целиот живот.

Со оваа посета и обраќање, премиерот ја нагласи важноста на образованието како темел на иднината, а обезбедувањето учебници за сите деца го истакна како чекор кон стабилен и квалитетен образовен систем.

Escape