Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на промоцијата на кандидатите за градоначалници во Штип порача дека почнува нова изборна кампања и дека таа не треба да биде театар на празни ветувања. Според него, мандатот на градоначалниците е договор со граѓаните, базиран на искреност, достоинство и човечност.
Мицкоски истакна дека очекувањата на народот се високи – подобар живот, сигурност, правда и перспектива, но и длабоко достоинство и чесност. Тој нагласи дека политиката не смее да ги третира граѓаните како средства, туку да работи одговорно за нивната благосостојба.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер укажа дека Владата континуирано спроведува реформи, особено во борбата против корупцијата и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните. Тој подвлече дека чесноста и одговорноста се клучни, а корупцијата е „данок врз сиромашните“ кој мора да се искорени.
Мицкоски нагласи дека реформите продолжуваат со засилена динамика, вклучително инфраструктурни проекти: изградени се и реконструирани над 770 километри улици и булевари, речиси 47 километри нови водоводи, канализации од 91 километар, седум пазари од затворен тип и 12 пречистителни станици.
Во образованието, реконструирани и модернизирани се над 400 училишта, поставени се фотоволтаици, обезбедена е бесплатна храна за учениците од 1 до 5 одделение и летување за деца од социјално загрозени семејства. Реконструирани се над 70 детски градинки, изградени се десетици нови, а завршени или во завршна фаза се 274 спортски игралишта и детски рекреативни терени.
Мицкоски потенцира дека кампањата треба да биде мост меѓу вистината и надежта, а довербата на граѓаните е наградата за искрената работа, а не аплаузите.