Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека државата добила понуди за финансирање на изградбата на брзата пруга на Коридорот 10, проект од клучно значење за транспортното поврзување на Македонија.
Во гостување на ТВ Сител, Мицкоски истакна дека рокот за доставување на понудите истекува утре и нагласи: „Да, има понуди. Пругата ни е потребна веднаш – ако не ја изградиме, ќе останеме изолирани.“
Министерството за финансии веќе испратило барања до 24 банки, барајќи финансиска поддршка за овој стратешки проект.
Осврнувајќи се и на трговските односи со САД, премиерот рече дека преговорите за укинување на царинските тарифи се во тек и се одвиваат во позитивна насока. „Следната недела јавноста ќе знае што добиваме од администрацијата на САД“, најави тој.
Брзата железница на Коридорот 10, која треба да ја поврзе Македонија со европските железнички мрежи, се смета за една од најголемите инфраструктурни шанси на земјата.