По три дена непрекината и исклучително тешка борба со огнената стихија, пожарот во атарот на селото Раец е целосно изгаснат. Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, упати искрена благодарност до сите служби, институции и граѓани кои несебично се вклучија во справувањето со пожарот.
Во текот на целата акција, десетици пожарникари, припадници на институциите и доброволци деноноќно беа на терен, вложувајќи максимални напори за локализирање на огнот и заштита на населението, имотот и природата.
Јанчев изрази благодарност до Територијалните противпожарни единици од Кавадарци и Неготино, ЈП „Комуналец“ Кавадарци, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Општата болница Кавадарци, Шумското стопанство „Бор“, Министерството за внатрешни работи, Армијата на Република Македонија, ОВР Кавадарци, Граничната полиција – Југ, доброволните противпожарни друштва, како и до сите доброволци и жители од селата Раец и Дреново кои дадоа значителен придонес во справувањето со пожарот.

„Оваа борба уште еднаш покажа дека кога институциите, службите и граѓаните се обединети, можат успешно да одговорат и на најголемите предизвици. Вашата пожртвуваност, храброст и несебична поддршка беа од непроценливо значење“, порача Јанчев.
Општина Кавадарци упати благодарност до сите кои учествуваа во акцијата, истакнувајќи дека заедничката посветеност и солидарност овозможија успешно справување со една од најсериозните ситуации со која се соочи регионот во изминатите денови.









