Градежните активности на новиот спортски објект во рамки на Спортскиот центар „Јасмин“ во Кавадарци напредуваат, а инвестицијата веќе постепено ја добива својата форма на терен.
Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, информираше дека станува збор за значаен проект кој дополнително ќе ја прошири спортската инфраструктура во градот и ќе создаде нови услови за спортистите и спортските клубови.
Новиот објект ќе се простира на 1.000 квадратни метри во основа, а ќе располага со подрум, приземје и кат. Во него се предвидени куглана, сала за гимнастика и седум апартмани за сместување на спортисти.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 118 милиони денари, а проектот е целосно финансиран преку вториот повик на Владата.
Со реализацијата на овој проект, Кавадарци добива нова современа спортска инфраструктура и дополнителни можности за развој на спортот, тренинзите и организирањето спортски активности.
Јанчев потенцира дека инвестициите во спортската инфраструктура се дел од континуираниот развој на Кавадарци како модерен, активен и спортски ориентиран град, а напредокот на изградбата покажува дека проектот веќе преминува од план во конкретна реалност.










