И покрај силниот притисок од Сојузот на синдикати на Македонија за зголемување на минималната плата на 500 евра, Владата нема да ја промени висината на минималецот пред одржувањето на изборите. Со тоа, останаа нереализирани и барањата за усогласување на останатите плати со покачување од 6.000 денари.
Синдикатите не отстапуваат од ставот дека платите мора да растат, но признаваат дека зголемување во несоодветен момент може да доведе до потреси во инфлацијата. Од Конфедерацијата на слободни синдикати, која неодамна стекна репрезентативност, порачаа дека поддржуваат покачување, но само ако тоа е втемелено на реални податоци и не предизвикува штетни последици.
„Нема работник или синдикат кој не сака поголема плата. Но зголемување без економска основа може да ја изеде самата инфлација“, изјави Благоја Ралповски, претседател на КСС.
Организацијата на работодавачи пак, излезе со предупредување дека растот на минималецот може да ја загрози стабилноста на малите и средни претпријатија. Претседателката Владанка Трајкоска истакна дека зголемување на трошоците за плати во момент кога еврозоната прогнозира скромен економски раст од само 1%, а САД воведуваат нови царини кон Европа, би било ризично и можеби деструктивно за економската рамнотежа во земјава.
Таа посочи и на проблемот со намалената продуктивност, која може да доведе до дополнителен товар врз работодавците, посебно ако се форсира покачување кое не соодветствува на реалната состојба на пазарот.
Со ова, минималната плата останува непроменета во пресрет на изборите, а дебатата за нејзино евентуално зголемување се одложува за по изборниот циклус, кога ќе се отвори простор за подетални економски анализи и политичка волја.