Едната зад решетки, а другата во куќен притвор – вакви мерки им определи судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје на двете осомничени финансиски раководителки во АД „Државна лотарија“, кои се сомничат за проневера во службата во износ од околу 1,3 милиони евра.
Мерките биле определени по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, кое двете вработени ги сомничи дека, како соизвршителки, сториле кривично дело „проневера во службата“.
Според Обвинителството, двете осомничени во текот на 2024 година не го уплаќале и не го депонирале целокупниот дневен промет што им бил доверен од продажните места на АД „Државна лотарија на РСМ“ на трансакциските сметки на друштвото во деловните банки. Наместо тоа, според сомнежите, парите ги присвоиле за себе.
Вкупната сума за која се сомничат изнесува 79.989.444 денари, односно околу 1,3 милиони евра.
Првоосомничената во периодот на извршувањето на делото била директорка на Секторот за финансии и сметководство, додека второосомничената била шефица на финансиски работи во АД за приредување игри на среќа „Државна лотарија“.
Од Обвинителството наведуваат дека, користејќи ги своите посебни овластувања и должности утврдени со закон, двете заедно учествувале во дејствија поврзани со извршувањето на кривичното дело, со намера за себе да прибават противправна имотна корист.
Според истрагата, тие биле овластени за подигнување готовински средства наменети за исплата на мали добивки, а воедно биле задолжени и за прием и уплата на дневниот промет остварен од сопствените продажни места на „Државна лотарија“.
Наместо целокупниот дневен промет за 2024 година да го уплатат и депонираат на сметките на друштвото во деловните банки, според сомнежите на Обвинителството, парите биле задржувани и присвојувани.
Дополнително, двете осомничени, според Обвинителството, подигале и парични средства директно од банкарските сметки на АД „Државна лотарија на РСМ“, кои исто така ги присвојувале за себе.
Двете се сомничат за кривично дело „проневера во службата“ од член 354 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Судијата на претходна постапка, постапувајќи по предлогот на Обвинителството, им определил различни мерки за обезбедување на присуство во постапката – едната осомничена е испратена во притвор, додека на другата ѝ е определен куќен притвор.






