Сашо Мијалков вечерва реагираше на информациите изнесени од политичката партија Левица, според кои наводно му бил подарен имот во месноста Барутана. Тој категорично ги отфрла овие тврдења и наведува дека не поседува имот на посочената локација.
„Целосна лага се информациите изнесени од страна на политичката партија Левица дека мене некој ми подарил било што во месноста викана Барутана“, наведува Мијалков во демантот.
Според него, ниту тој лично, ниту компаниите во негова сопственост, како и компаниите во сопственост на членови на неговото семејство, немаат имот или интерес поврзан со оваа локација. Мијалков додава дека овие наводи можат да се проверат преку Централниот регистар и другите надлежни институции.
Тој реагираше и на споменувањето на неговото име во текст на „Призма“, тврдејќи дека деловните активности наведени таму датираат од пред околу десет години и, според него, немаат поврзаност со актуелниот случај со Барутана.
„Не знам кои се причините за пласирање на вакви невистини и мое инволвирање, но секое изнесување на неточни и непроверени информации кои може да нанесат штета повлекува одговорност“, порача Мијалков.







