Синоќа, голема катастрофа беше спречена во кочанското село Мојанци, откако во Пречистителната станица за отпадни води избувнал пожар.
Пожарот, според извори од терен, избил околу 20:30 часот во инсталацијата за пренос на метан, при што се запалиле цевките од системот. Евентуалното проширување на огнот кон балоните каде се собира метанот можело да предизвика експлозија од големи размери.
На терен веднаш интервенираше Територијалната противпожарна единица со четири возила и осум пожарникари, со дополнителна поддршка од доброволците од Доброволното противпожарно друштво Кочани. Благодарение на брзата реакција, пожарот бил ставен под контрола и причинета е само материјална штета.
Според упатени извори, само за малку е избегната сериозна катастрофа, бидејќи метанот е исклучително експлозивен и секое проширување на огнот кон складираните количества можело да предизвика сериозна несреќа.


















