Македонски Концепт испрати официјално писмо до сите политички партии во Европскиот парламент, како и до пратениците во Делегацијата за Македонија, со што се реагира на предложените уценувачки амандмани во извештајот на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) за напредокот на Република Македонија. Писмото претставува глас на разум и повик за враќање кон европските вредности и принципи на фер заслуги во процесот на проширување.
Во документот јасно ја изразивме нашата загриженост за отстапувањето од темелните вредности на Европската Унија, особено преку релативизирањето или негирањето на македонскиот јазик и идентитет, што е во спротивност со идејата за обединета Европа заснована на почитување на културната и националната разноликост.
Особено загрижувачки е што концептот на заслуги и индивидуални достигнувања на земјите-кандидатки е целосно потиснат, а наместо тоа, се наметнуваат билатерални спорови кои не се во духот на европските интеграции.
Македонски Концепт апелира до сите политички партии во Република Македонија, без разлика на нивната етничка припадност, да се приклучат на оваа иницијатива и да испратат слични писма до Европскиот парламент. Сега е моментот сите заедно да побараме од Европската Унија еднаш засекогаш да расчисти со етничкиот шовинизам од 19-тиот век кој и понатаму се манифестира преку политиките на одредени земји-членки со балканско потекло.
Ги повикуваме европските пратеници да ги отфрлат ваквите амандмани и да го поддржат проширувањето засновано на вредности и заслуги – единствениот пат кој води кон вистинско партнерство и заедничка иднина во Европа на почит, еднаквост и достоинство.
Центар за комуникации и анализа
Македонски Концепт