Во Романија денес се одржуваат претседателски избори, а според светските медиуми, фаворит е прорускиот десничарски екстремист Џорџе Симион, додека негови противкандидати се Крин Антонеску и Никушор Дан.
Десничарскиот евроскептик води во анкетите на јавното мислење пред првиот круг на гласање, пет месеци откако претходните претседателски избори, на кои убедливо водеше десничарот Калин Георгеску, беа анулирани поради наводно руско вмешување, тврдење што Москва го отфрла.
Симион се надева дека ќе го искористи широко распространетото јавно негодување поради анулирањето на изборите, откако ќе го преземе водството од крајнодесничарот Георгеску, на кого му беше оневозможено да се кандидира по поништените избори.
Симион (38) се противи на воената помош за соседна Украина, го критикува раководството на ЕУ и го поддржува движењето „Да ја направиме Америка повторно голема“ на Доналд Трамп.
Како конзервативен христијанин, тој го поддржа неуспешниот референдум во 2018 година, кој имаше цел да ги забрани истополовите бракови.
Доколку биде избран, тој изјави дека ќе објави колку Романија придонела за воените напори во Украина, на сметка на субвенциите за романските деца и пензиите.
Симеон води со 30,2 проценти поддршка, додека поранешниот сенатор Крин Антонеску има 24,3 проценти поддршка, а градоначалникот на Букурешт, Никушор Дан има 22,4 проценти.
Анкетата е спроведена меѓу 3.247 лица од 28 април до 1 мај, со маргина на грешка од два проценти. Гласањето завршува во 21 часот по локално време.
Доколку ниту еден кандидат не освои 50 проценти плус еден од вкупниот број граѓани регистрирани на избирачките списоци, вториот круг од изборите ќе се одржи на 18 мај.