Денеска се навршуваат 122 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев. По тој повод, делегации и граѓани ќе положат цвеќе пред неговиот гроб во црквата „Свети Спас“ во Скопје, а во Собранието ќе биде доделена државната награда „Гоце Делчев“ за значајни научни остварувања.
Цвеќе ќе положат делегации од Собранието, Владата, политички партии и граѓански организации. На церемонијата ќе присуствуваат потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски, премиерот Христијан Мицкоски и министри од неговиот кабинет.
Наградата „Гоце Делчев“ за 2025 година ќе биде доделена напладне во Собранието, за научното дело „Македонски дијалектен атлас“. Наградата ќе ја врачи министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска.
Гоце Делчев е роден во Кукуш во 1872 година. Се образувал во Солун и Софија, бил учител во Штип и активен член на ВМРО. Убиен е на 4 мај 1903 година во селото Баница од османлиската војска. Неговите посмртни останки на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што се наоѓаат и денес.