Кинескиот претседател Си Џинпинг ќе престојува во официјална посета на Русија од 7 до 10 мај, а на 9 мај ќе присуствува на прославата на 80-годишнината од победата над нацистичка Германија во Втората светска војна. Посетата е потврдена од Кремљ, а веста ја пренесуваат светските агенции.
Според објавата на Кремљ на Телеграм, Си Џинпинг ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Ќе разговараат за продлабочување на стратешкото партнерство меѓу Кина и Русија и ќе потпишат неколку важни документи.
Во фокусот на разговорите ќе бидат клучни теми поврзани со билатералната соработка, но и актуелни меѓународни и регионални прашања.
Покрај Си Џинпинг, на чествувањата на Црвениот плоштад во Москва се очекува да присуствуваат и неколку други светски лидери, во чест на Денот на победата над фашизмот.