Нова сеизмичка мапа што моментално се шири на социјалните мрежи повторно ја стави Македонија во епицентарот на вниманието – и тоа во најлошо можно светло. Според визуелното прикажување, нашата земја се наоѓа во најризичната категорија за земјотреси во цела Европа, обоена длабоко во црвено, што значи дека потенцијалот за силни земјотреси е значително поголем од европскиот просек.
Мапата ја дели Европа на три нивоа на ризик:
• Црвена зона – висок ризик • Портокалова зона – средно-низок ризик • Зелена зона – многу низок ризик
Според прикажаните податоци, целиот Балкан – Македонија, Албанија, Грција, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија – се издвојува како еден од најнестабилните региони на континентот. Македонија, заедно со западниот дел на Турција и големи делови од Италија, се прикажува како најранлива зона за силни потреси.
Во спротивност, земјите како Ирска, Велика Британија, Норвешка, Шведска, Финска, Латвија и Полска се обоени во темно зелено, што значи дека речиси немаат значајна сеизмичка активност. Франција, Шпанија, Португалија, Австрија и Унгарија се третирани како региони со среден ризик.
Иако дел од експертите предупредуваат дека мапата може да не биде целосно прецизна – бидејќи не ги прикажува сите активни и неактивни раседи – пораката е јасна: Балканот, а особено Македонија, останува меѓу најсеизмичките подрачја во Европа.
Објавата уште еднаш потсетува на неопходноста од: • подобри безбедносни стандарди, • модернизација на старите градби, • внимателно следење на сеизмичките активности и • поголема подготвеност за вонредни ситуации.
Мапата можеби не ги прикажува сите детали, но ја отвора истата прашање што редовно се поставува во регионот: дали сме доволно подготвени за следниот силен потрес?















