На 9-тата Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2025), што се одржа од 29 август до 4 септември во Шумен, Бугарија, македонскиот тим постигна извонреден резултат – по втор пат во историјата, Македонија освои златен медал, а овојпат и бронзен. Златниот медал го освои Владимир Грчев од Кочани, а бронзениот медал го доби Марко Кренков од Струмица.
Членови на тимот беа и Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје, додека тимот го водeа лидерите Иван Занов и Петар Ковачовски од ФИНКИ. Учениците беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари организиран од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ).
Ова е големо признание за македонската информатичка заедница и потврда за квалитетот и талентот на младите програмери во земјата. Следниот голем предизвик за тимот е Балканската олимпијада по информатика (БОИ 2025) што ќе се одржи во Удине, Италија.