Министерството за здравство ги засилува мерките поради ширењето на западнонилската треска, а министерот Сашо Клековски предупреди дека август и септември историски се периодот кога ризикот е најголем.
Во земјава во моментов има 35 потврдени случаи, додека уште три лица се водат како суспектни и се во процес на дијагностицирање. Досега се регистрирани три смртни случаи, а 15 пациенти се излекувани и отпуштени од болничко лекување.
Поради состојбата е формирано координативно тело во кое се вклучени повеќе институции, а најавени се и дополнителни контроли и засилено прскање против комарци во погодените подрачја.
Една од новите мерки е директно информирање на населението. Граѓаните кои живеат во зафатените региони ќе добиваат СМС-пораки со препораки и конкретни мерки за заштита од комарци и вирусот.
Дополнително ќе се вршат вонредни контроли, меѓу кои и на живината во ризичните подрачја, додека здравствените институции продолжуваат секојдневно да ја следат епидемиолошката состојба.
Клековски апелираше граѓаните да бидат особено внимателни во следните недели и доследно да ги применуваат препораките за лична заштита од убоди од комарци.







