ПРВ.мк
Македонија

Македонија повторно гори: Пожари беснеат кај Богомила и Грешница, ангажирани сите служби

Македонија повторно гори: Пожари беснеат кај Богомила и Грешница, ангажирани сите служби

Во текот на денешниот ден, низ територијата на Македонија се регистрирани четири пожари на отворен простор, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Од нив, два се уште се активни, еден е ставен под контрола, а еден целосно изгаснат.

Еден од најсериозните пожари се наоѓа кај селото Богомила, во општина Чашка, каде што пламените јазици зафатиле површина од поранешно сечиште преполно со суви гранки и отпад, што значително ја отежнува интервенцијата. На терен е испратен ер трактор од ДЗС, кој обезбедува логистичка поддршка и расчистува теренот за локалните пожарникари и екипите на „Национални шуми“, кои даваат сè од себе да ја локализираат огнената стихија.

Вториот активен пожар е кај селото Грешница, во општина Македонски Брод. Станува збор за претходно изгаснат пожар кој се реактивирал. И таму интервенираат локалните противпожарни единици, заедно со екипите на „Национални шуми“.

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, во својата видео изјава истакна дека денеска Македонија ја напуштил и чешкиот хеликоптер „Блек Хок“, кој денови наназад беше активно вклучен во гаснење на пожарите низ земјава.

„Од името на Владата на Република Северна Македонија и македонските граѓани, упативме искрена благодарност за нивната посветеност. Во знак на признание, им беа врачени и благодарници од страна на Дирекцијата“, изјави Ангелов.

Пожарите и натаму се закана за шуми, имоти и животи. Институциите апелираат на внимателност и соработка со службите, додека воените и цивилните сили остануваат мобилизирани.

Escape