ПРВ.мк
Македонија

МАКЕДОНИЈА ПОД ОГНЕНА ЗАКАНА: Пет пожари активни, пламенот стигна до автопатот Скопје–Велес!

МАКЕДОНИЈА ПОД ОГНЕНА ЗАКАНА: Пет пожари активни, пламенот стигна до автопатот Скопје–Велес!

Динамична и променлива е состојбата со пожарите на отворен простор низ земјата, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК) во својот попладневен пресек до 13 часот. Според новите податоци, регистрирани се вкупно девет пожари, од кои пет се активни, еден е ставен под контрола, а три се целосно изгаснати.

Оваа бројка не претставува директно намалување во однос на утринскиот извештај кога беа евидентирани 25 пожари, бидејќи голем дел од нив веќе биле санирани, но во меѓувреме се појавија нови жаришта.

Активните пожари во моментов се локализирани во пет општини: во Горно Лисиче (Општина Аеродром) каде гори ниска вегетација, дрва и пченка; кај автопатот Скопје–Велес спроти „Макпетрол“ во Општина Илинден; на стрништата во село Турново (Општина Босилово); на депонијата на излезот од Крива Паланка, како и новото жариште во село Симница (Општина Гостивар) зафатено со ниска вегетација и грмушки.

Пожарот над селото Зелениково, кој зафати шума и ниска вегетација, и понатаму останува стабилно под контрола, додека во меѓувреме успешно се изгаснати три пожари – во селото Грчец (Општина Сарај), кај Новите градски гробишта во Прилеп и во селото Црвивци (Општина Кичево).

Од ЦУК нагласуваат дека високите температури и сувата вегетација продолжуваат да создаваат услови за нови опасности, поради што состојбата на терен се следи во реално време, а институциите остануваат во постојана координација.