Владата преку Министерството за транспорт спроведува набавка на 150 целосно електрични автобуси и 75 полначи, со вкупна вредност од 59,9 милиони евра. Според Министерството, инвестицијата е насочена кон модернизација на јавниот превоз, намалување на аерозагадувањето и подобрување на урбаната мобилност.
На електронската аукција била постигната цена од 321.958 евра без ДДВ по автобус. Претходно, во јули, како најповолна била избрана понудата на „Ikarus Electric Zrt“ во заедничка понуда, откако од четири пријавени понудувачи два ги исполниле условите за учество на електронската аукција.
Новите автобуси треба да бидат опремени со автоматски систем за греење и ладење, електромотор со максимална моќност од најмалку 350 kW, информативни дисплеи, три врати и платформа за лица со попреченост. Предвидениот капацитет е најмалку 33 седечки места и вкупно 67 патници.
Според претходно објавениот план, 100 автобуси се предвидени за Скопје, а останатите 50 за други општини.
Од Министерството наведуваат дека вкупната сума од 59,9 милиони евра ги опфаќа и автобусите и 75-те полначи и дека инвестицијата на подолг рок треба да донесе пониски трошоци за енергија и одржување.







