Дваесет и четиригодишниот Андреј Петрушев бил повикан на испомош вечерта кога се случил пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Неговиот помал брат, Кристијан (20), исто така бил повикан да помогне, но одбил, не знаејќи дека таа одлука ќе му го спаси животот. Андреј бил вработен во ресторанот „Престиж“ и претходно имал шестмесечен ангажман во Хрватска; од 1 април требало да се врати во земјава.
– Андреј од млади години работеше во кафулиња и во ресторани, и таа кобна вечер бил повикан како испомош во дискотеката „Пулс“. И другиот син имаше искуство во угостителството. Газдата на локалот, Дејан Јованов, ги повика на испомош, а Андреј тргна, додека Кристијан одбил – сведочеше мајката на Андреј, Марија Петрушева.
Марија раскажа како дознала што се случило. – Бевме будни со сопругот. Околу 2:40 часот слушнавме првите сирени на амбулантните коли. Прво помислив дека е сообраќајка, но по 15 минути сирените се зголемија, па видов пожарно возило кое се движеше кон излезот на Кочани. Тогаш сфатив дека нешто сериозно се случува – рече Марија.
Таа и сопругот тргнале по споредни улици кон дискотеката, бидејќи главниот пат бил блокиран. На патот сретнале деца кои потврдиле дека „Пулс“ гори. – Почнав да ги барам синовите, но не можев да најдам Андреј. Му пишав на Инстаграм „Што се случува?“, пораката остана непрочитана. Тргнавме кон дискотеката – раскажа Марија.
Кога пристигнале, пред дискотеката имало голем пламен, а наоколу паника. – Веднаш забележавме многу тела. Сопругот се упати внатре да ги бара, а јас почнав да превртувам луѓе за да видам дали е Андреј – додаде мајката.
Откако дознала дека Кристијан е жив, Марија почнала да го бара Андреј. – Влеговме во собата каде беше Андреј. Изгледаше жив, без големи повреди, само мала изгореница на подлактицата. Почнавме со сопругот да му даваме вештачко дишење, додека лекарите го прегледуваа. Му реков на Кристијан да стисне посилно, да го спасиме. Мислев дека ќе се врати – рече таа.
Сведочењата на Марија предизвикаа солзи кај присутните родители. – Не можевме да поверуваме дека многу деца се загинати. Викавме по Кристијан, а тој ми рече: „Мамо, не успеавме да го спасиме брат ми“. Во тој момент сфативме колкава е трагедијата – додаде мајката.
Кристијан, кој ја преживеал ноќта, исто така давал помош на другите, спасувајќи животи додека го барал својот брат. – Тие 10 минути додека се расчистуваше стампедото беа клучни за да го спасам, ама не успеав – рече Кристијан.
Марија истакна дека животот ѝ е поделена на „пред“ и „по“ 16 март. – Секоја утрин ја започнувам со празнина. Болката е секојдневна. Борбата со загубата е неизмерна, а никогаш нема да се помирам со тоа што се случи – заврши таа.
















