Граѓаните наскоро ќе можат да ги имаат личната карта и возачката дозвола во електронска форма директно на своите мобилни телефони преку новата државна апликација „м.Услуги“.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека апликацијата ќе биде официјално промовирана во текот на октомври. Таа веќе се наоѓа во завршна фаза на тестирање.
„м.Услуги“ ќе биде бесплатна за преземање и користење, а нејзиното инсталирање нема да биде задолжително. Граѓаните и понатаму ќе можат да ги користат физичките документи.
Според Андоновски, апликацијата претставува прв чекор кон создавање целосен дигитален паричник преку кој во иднина граѓаните ќе можат да пристапуваат до повеќе лични документи и државни електронски услуги.
Апликацијата треба да биде достапна преку „Google Play“ и „App Store“, а по внесувањето на потребните лични податоци информациите ќе се повлекуваат од државниот портал Услуги.мк и од соодветните регистри.
Меѓу првите документи што ќе бидат достапни во електронска форма се личната карта и возачката дозвола.
Од Министерството претходно посочија дека посебно внимание е посветено на сајбер-безбедноста, заштитата на личните податоци и начинот на нивна размена со институциите.
Андоновски се осврна и на плановите Македонија да стане дел од европскиот систем „роаминг како дома“.
Тој информираше дека земјата го добила предлог-текстот на договорот и дека започнува процес на усогласување со Европската комисија, изразувајќи очекување договорот да биде заокружен на почетокот на 2027 година.
Европската комисија уште во февруари 2026 година предложи отворање преговори со Северна Македонија и останатите земји од Западен Балкан за нивно вклучување во европскиот режим „Roam Like at Home“. Сепак, на ниво на ЕУ засега нема официјално утврден краен рок за завршување на процесот.







