Несекојдневен инцидент е пријавен во селото Уларци, во општина Чешиново-Облешево, откако 55-годишен маж повикал екипа на Итната медицинска помош за својата мајка, а по пристигнувањето било утврдено дека повикот бил злоупотребен.
Според пријавеното, случајот се случил околу 19:15 часот, кога Ф.А. (55) побарал медицинска интервенција за неговата мајка.
Екипата на Итната помош веднаш се упатила кон неговиот дом за да ѝ биде укажана лекарска помош. По пристигнувањето, сепак, било констатирано дека повикот бил злоупотребен.
Дополнително, според пријавата, 55-годишниот маж се однесувал недолично кон членовите на медицинскиот тим и им упатувал закани.
За настанот била известена полицијата во Кочани. По целосното документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.






