Министерството за внатрешни работи (МВР) алармира за нова серија измамнички пораки што се шират меѓу граѓаните. Непознати лица испраќаат SMS пораки од странски телефонски број +639606963624, во кои тврдат дека е регистриран сообраќаен прекршок и бараат уплата преку лажна веб-страница – http://mvr.govmk.cam/mk.
Пораките изгледаат убедливо: корисниците се повикуваат да внесат регистарска табличка, по што им се прикажува „прекршок“ и барање за уплата од 1.500 денари со платежна картичка. Но, станува збор за класична интернет измама.
Од Секторот за компјутерски криминал предупредуваат дека страницата е лажна и се претставува како официјална на МВР. Целта е да се украдат лични и финансиски податоци од граѓаните.
МВР апелира:
- Не отворајте сомнителни линкови.
- Не внесувајте лични податоци или информации од платежни картички.
- Игнорирајте пораки од непознати испраќачи.
Надлежните истакнуваат дека ваквите измами можат да предизвикаат сериозни последици – од злоупотреба на лични податоци до празнење на банкарски сметки.
Овој случај уште еднаш ја нагласува потребата граѓаните да бидат внимателни и да проверуваат секоја порака или линк што бара финансиски трансакции.










