Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР Дебар поднесе кривични пријави против две лица осомничени дека преку измама прибирале пари за наводно лекување на болно дете.
Според информациите од СВР Охрид, се работи за Х.М. (19) од селото Селокуќи, дебарско и И.К. (28) од Дебар, против кои се води постапка за кривично дело „измама“.
Истражителите утврдиле дека првопријавената, поттикната од второпријавениот, во периодот од 10 до 12 март, преку социјална мрежа објавувала лажни информации дека се собира помош за операција и лекување на наводно болно дете од Дебар. Притоа, користен бил профил со кој управувал второпријавениот.
На овој начин, осомничената успеала да прибере околу 3.200 евра и 6.000 денари, односно вкупно приближно 3.300 евра, кои биле стекнати противправно.
Од полицијата апелираат граѓаните да бидат внимателни при донации преку социјални мрежи и секогаш да ги проверуваат хуманитарните акции преку релевантни институции.








