Кривична пријава против началничка на одделение во Одделот за обезбедување на личности и објекти за „злоупотреба на службената положба“.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција Скопје, поднесе кривична пријава против С.С. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба“ по член 353 од Кривичниот законик.
Пријавената, на работно место началник на Одделение за обезбедување на дипломатско конзуларно претставништво, а во моментот на извршувањето на делото на работно место началник на Одделение за обезбедување на странски делегации и манифестации при МВР, ја злоупотребила службената положба и овластување на начин што си овозможила стекнување на право за исплата на бонус плата за 2023 година иако не го исполнила условот утврден во Законот за работните односи, односно да нема отсуство од работа повеќе од 21 ден во текот на годината.
Имено, иако била свесна дека не ги исполнува условите за стекнување со наведеното право, пријавената на 05.06.2024 изготвила список со 11 полициски службеници од Одделение за обезбедување на странски делегации и манифестации кои оствариле услов за бонус плата за 2023 година, во кој се впишала и самата себе, а врз основа на кој подоцна и било утврдено право за исплата на бонус плата за 2023 година и биле исплатени парични средства на нејзината трансакциска сметка.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе Предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полициската службеничка и ќе изрече задолжителна мерка за отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка.