ПРВ.мк
Македонија

КРАЈ НА ЕДНА ЕРА ВО АРМ: Се повлекуваат советските Ми-8МТ – Македонија влегува во нова ера на модерна авијација!

КРАЈ НА ЕДНА ЕРА ВО АРМ: Се повлекуваат советските Ми-8МТ – Македонија влегува во нова ера на модерна авијација!

Воздухопловниот ВИНГ на Армијата на Република Македонија деновиве реализираше тренажна активност за гаснење пожари од воздух, користејќи еден од преостанатите хеликоптери од типот Ми-8МТ, кои со децении беа дел од арсеналот на македонската воена авијација.

Вежбата се одвиваше со користење ведро и црпење вода од реката Пчиња, при што екипажите ја проверуваа својата подготвеност и оперативната способност за претстојната летна сезона, која традиционално носи зголемен ризик од шумски пожари.

Овие активности се дел од редовната обука, но воедно се гледаат и како еден од последните периоди во кои старите советски хеликоптери сè уште активно учествуваат во противпожарни мисии во земјата. Според достапните информации, во оперативна употреба останале само уште два вакви хеликоптери, кои се пред постепено повлекување од служба.

Паралелно со тоа, македонската армија веќе го најавува почетокот на ново поглавје во воздухопловните капацитети. Во рамки на модернизацијата, предвидено е пристигнување на нова флота од осум современи хеликоптери од типот „AgustaWestland AW149 и AW159“, кои треба значително да ги подобрат способностите за транспорт, спасување и противпожарни мисии.

Според плановите, првите два хеликоптери се очекува да пристигнат во втората половина од 2026 година, додека целосната испорака треба да биде завршена до 2028 година. Во меѓувреме, македонските пилоти веќе се на обука во странство, каде што поминуваат интензивна подготовка за работа со новата техника.

Иако динамиката на испорака сè уште не е прецизно дефинирана, јасно е дека армијата постепено се подготвува за целосна замена на старата флотила со модерни западни модели.

Со тоа, летните сезони во иднина се очекува да бидат покриени со нова генерација хеликоптери, со што завршува еден долг период во кој советските Ми-8МТ беа клучен дел од противпожарната и оперативната поддршка во земјата.

Најнови вести