ПРВ.мк
Македонија

Колку прскале општините против комарци? Клековски најави детални резултати

Колку прскале општините против комарци? Клековски најави детални резултати

Министерот за здравство Сашо Клековски најави дека утре ќе бидат презентирани деталните резултати од контролата за тоа како општините ги спроведувале мерките за прскање против комарци.

Гостувајќи во „Тема на денот“ на ТВ Сител, Клековски истакна дека во моментов под посебно внимание е целото Повардарие, особено поради случаите на западнонилска треска регистрирани во Грција, во подрачјето околу Солун и Вардар.

Според него, контролата на активностите на општините е завршена, а утре јавноста ќе добие подетални информации.

Како пример, Клековски наведе дека на територијата на Град Скопје биле извршени вкупно 12 прскања – шест против возрасни форми на комарци и шест против ларви.

Сепак, министерот нагласи дека не може да се воспостави едноставна и директна поврзаност меѓу бројот на извршени прскања и бројот на регистрирани случаи на западнонилска треска.

Како позитивен пример ја издвои Општина Илинден, каде што биле спроведени шест прскања од земја – три против возрасни комарци и три против ларви, а активностите започнале уште во април. Во Студеничани, пак, според Клековски, немало дополнително општинско прскање освен редовното што го спроведува Град Скопје.

Тој објасни дека Скопско Поле претставува особено ризична зона поради големиот број земјоделски површини, канали и места со застоена вода, кои создаваат поволни услови за размножување на комарците.

Клековски посочи и дека ширењето на вирусот не зависи само од присуството на комарци, туку и од движењето на дивите птици кои се резервоари на вирусот.

За справување со состојбата, според министерот, неопходен е комплексен пристап – лична заштита на граѓаните, навремена дијагностика и третман од здравствениот систем и редовно спроведување на дезинсекцијата од страна на општините.

Покрај редовните активности, по дополнителни индикации биле извршени уште три прскања – две во Драчево и едно во Гази Баба, опфаќајќи делови од Јурумлери, Стајковци и Сингелиќ.

Во моментов, заедно со општините и Град Скопје, се утврдуваат локациите со застоена вода за во следниот период да се спроведува пофокусирано прскање од земја.

Клековски потсети дека првиот случај на западнонилска треска во Македонија бил регистриран во 2011 година и посочи дека досега се регистрирани 54 случаи. Според него, заболувањето може да предизвика воспаление на мозокот и кај деца, додека најголем ризик од смртен исход има кај лицата постари од 60 години.