Градоначалникот на Велес, Марко Колев, ја истакнува важноста на соработката меѓу локалната и централната власт за развојот на општината и најавува дека ќе продолжи да работи во таа насока и во иднина.
По четири години мандат, Колев оценува дека поголемиот дел од ветувањата кон граѓаните е реализиран, и покрај предизвиците на локално и глобално ниво. Освен исполнувањето на дадените ветувања, реализирани се и дополнителни проекти кои произлегле од непосредната комуникација со граѓаните.

Во текот на изминатите години, Велес доживеал значителна преобразба: реконструирани се околу 100 улици во градот и селата, инвестирано е во подземна инфраструктура, изградени или реконструирани се шест спортски комплекси, пет спортски терени и три училишни спортски сали. Колев особено истакнува дека се врати епитетот „град на културата“ преку организирање нови културни настани и манифестации. Дополнително, реализирани се капитални проекти како нов систем за улично осветлување, санација на мостот кај Башино Село, уредување на кејот на Вардар и Градскиот пазар, како и унапредување на хигиена и урбано опремување.

За претстојните локални избори, Колев најавува дека ќе ја побара довербата на граѓаните со продолжување на досегашната политика и имплементација на нови идеи од практичните искуства и комуникација со населението. Акцентот ќе биде ставен на инфраструктура, образование, спорт, култура, хигиена, нови детски катчиња и посебно на решавање на прашањето со езерото „Младост“.

Во рамки на соработката со Владата, општината потпиша договор за реализација на 15 капитални проекти, кои вклучуваат реконструкција на патишта, влезови во села, плоштади, противпожарни домови, спортски сали, фасади на училишта и улици во градот. Колев нагласува дека ваквата поддршка е клучна за успешна реализација на проектите, особено затоа што општините немаат доволно финансиски ресурси самостојно.