Мерсел Биљали предупредува: „Кога се бориш со чудовиште, внимавај да не станеш чудовиште. А ако долго гледаш во бездната, и таа ќе почне да гледа во тебе“, зборови на Фридрих Ниче кои денес звучат зачудувачки актуелно. Денешната видеоконференција меѓу Зеленски, Трамп и лидерите на Европа, вклучувајќи ја и Велика Британија и Канада, е само дел од комплексната игра на моќ што го предвеснува состанокот меѓу Трамп и Путин во Алјаска на 15 август, потенцијално нов пресврт во кревкиот светски поредок.
Русија ја зголеми контролата врз Црноморскиот брег на над 1.200 км, вклучително и Абхазија, што ги загрозува интересите на земјите од регионот, особено Турција. Со контролата на Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон – индустриското срце на Украина – Москва не само што ја зајакнува економската моќ преку нафта и гас, туку и создава стратешка предност на Балканот и Балтикот преку концептот „Интермариум“. Целта е да се поврзат Балтичкото и Црното Море со Јадранското и да се создаде нов геополитички клин кон НАТО и ЕУ.
Гледаме како Србија, Унгарија и Словачка, директно или индиректно, овозможуваат руската стратегија преку различни форми на политичка зависност или отворена проруска неутралност. Истовремено, Хрватска, Албанија и Косово формираат воен сојуз, како одговор на растечката закана. Литванија со својата стабилна демократија и економска моќ создава страв кај Кремљ, додека Германија се позиционира како независна и потенцијално нуклеарна сила.
Меѓународните преговори се фокусираат на можни „територијални разменувања“ и дипломатски компромиси, но Зеленски е непоколеблив: Украина нема да предаде територии на окупаторот. Русија, пак, користи секој момент за да купи време и да обезбеди стратешки сојузи, особено со Кина и Индија. Целта на Путин не е само територија, туку и влијание и признавање на нова реалност.
Балканот се тресе: нашите влади, без визија или стратешка моќ, ги креираат проблемите самите. Сеењето етничка омраза е посмртоносно од минско поле. Македонија, со секој компромис или отстапка кон минатото, ја ризикува иднината. Пропаднаа моќни импери, а ние ризикуваме да станеме исто така жртва на сопствената немоќ. Секое решение што не ја вклучува државата како активен учесник, не е мир – тоа е предавство на иднината.