Започна постапката за избор на нов раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), откако Советот на јавни обвинители ја активираше процедурата пред истекот на мандатот на актуелниот шеф Ислам Абази, кој завршува на 8 ноември.
Согласно Законот за јавно обвинителство, јавниот оглас треба да биде објавен најмалку 90 дена пред истекот на мандатот. Одлуката се очекува да биде објавена во „Службен весник“ на 10 август, по што заинтересираните кандидати ќе имаат рок од 15 дена да ги поднесат своите кандидатури.
По вторпат, новиот шеф на ОЈОГОКК ќе биде избран преку гласање на сите јавни обвинители во државата, а Советот на јавни обвинители ќе го именува кандидатот што ќе освои најголем број гласови. Мандатот трае четири години, со можност за повторен избор.
Иако постапката сè уште е во почетна фаза, во обвинителските кругови веќе се споменуваат неколку имиња како можни кандидати. Меѓу нив е обвинителката Искра Хаџи-Василева, која работеше на предметот „Жан Митрев“ и го застапува обвинението против судијата Ѓоко Ристов.
Како потенцијален кандидат се споменува и Спасенка Андонова, која во јавноста е позната по постапките поврзани со трагедијата во Кочани. Во комбинација за функцијата се наведуваат и Владимир Милошевски, кој беше обвинител во предметот за дипломата на директорот на АНБ Бојан Христовски, како и Александар Марковски и Јован Цветановски, чии имиња и претходно се поврзуваа со избори за високи обвинителски функции.
Во меѓувреме, Ислам Абази не ја исклучува можноста повторно да се кандидира. Во едно од своите последни обраќања тој ги отфрли критиките дека за време на неговиот мандат не биле покренати обвиненија против функционери на ДУИ, нагласувајќи дека Обвинителството не добило кривични пријави кои останале непроцесирани.
Тој посочи дека предметот поврзан со деловниот центар „Соравија“, во кој е осомничен Дрин Ахмети, сè уште се наоѓа во предистражна постапка и дека се чека одговор по барање за меѓународна правна помош од САД. Според Абази, по добивањето на тие информации ќе биде донесена одлука дали ќе следува обвинителска постапка или ќе бидат потребни дополнителни проверки.
Дополнително, тој изјави дека предистрагата за надзорот над проектот „Бехтел и Енка“ е активна и дека по наредба на Обвинителството, Министерството за внатрешни работи продолжува со интензивни активности за прибирање докази.






