ПРВ.мк
Македонија

Кочани се подготвува за меморијални настани за 63-те загинати - еве кога ќе се одржи

Кочани се подготвува за меморијални настани за 63-те загинати - еве кога ќе се одржи
Kristal

Кочани, 1 март 2026 – Датумот 16 март останува врежан во срцата на граѓаните на Кочани како ден на неизмерна болка, но и на сплотеност и храброст. Една година по трагичната ноќ во клубот „Пулс“, локалната самоуправа подготви тридневна програма која ќе ги спои сеќавањето, благодарноста и надежта за иднината, објави 4news.mk.

Под покровителство на градоначалникот Владко Грозданов и организацискиот одбор во кој се вклучени институции, црквата и здружението „16 март 2025 Кочани“, трите дена ќе бидат посветени на духовно и културно оддавање почит:

  • 14 март – Молитвен шепот: Ден на тишина, кога во храмовите ќе се палат свеќи за упокојување на загубените животи.
  • 15 март – „Кочани Ви благодари“: Ден посветен на хероите во бело и на сите кои беа светлина во моменти на хаос, со статуетки на благодарност и културна програма.
  • 16 март – Ден на вечното сеќавање: Со достоинствено и сплотено оддавање почит, градот ќе ја искаже својата љубов и почит кон младите кои ги загубивме.

Градоначалникот Грозданов ги повика преживеаните директно да ги контактираат лекарите и медицинскиот персонал кои се бореа за нивните животи. „Ве охрабрувам сами да ги поканите вашите ангели чувари. Општината ќе ги пречека со отворено срце и почести, но вашата лична покана е она што ја прави разликата,“ истакна тој.

Ова одбележување не е само сеќавање на загубеното, туку и ново поглавје на истрајност, заедништво и надеж. Кочани денес стои посилен, учејќи како да се грижи за своите граѓани и да верува во подобро утре.

SWM
Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo