ПРВ.мк
Македонија

Клековски: Роботски операции на колено во јавна болница – врвната технологија не е привилегија само на приватниот сектор

Клековски: Роботски операции на колено во јавна болница – врвната технологија не е привилегија само на приватниот сектор

Министерот за здравство Сашо Клековски го поздрави пионерскиот потфат на тимот од ЈЗУ „Св. Еразмо“ во Охрид, каде што беа изведени роботски навигирани операции на колено, односно поставување тотална протеза со помош на роботска навигација.

Клековски оцени дека овој чекор не е само технолошка новина, туку конкретен одговор на еден од предизвиците во ортопедијата – зголемената потреба од операции за замена на колено.

Според податоците што ги посочи министерот, бројот на интервенции за замена на колено во изминатите две години пораснал за 26,4 проценти, но земјава сè уште има простор за напредок во споредба со регионот.

Со роботската навигација се овозможува попрецизно поставување на имплантот, помали отстапувања при интервенцијата и подобра функционалност за пациентите.

Клековски истакна три значајни аспекти на овој исчекор – современата технологија се применува во јавното здравство, интервенциите се изведуваат надвор од Скопје, а напредокот се постигнува токму во сегментот каде што постои голема потреба од зголемување на капацитетите.

Министерот потсети дека околу 57 проценти од ваквите интервенции се изведуваат во Скопје, поради што развојот на врвната хирургија и во другите градови е важен чекор кон децентрализација на здравствените услуги.

„Децентрализацијата на врвната хирургија не е слоган – вака изгледа“, порача Клековски.

Како следен приоритет тој го посочи намалувањето на листите на чекање за операции на колк и колено, нагласувајќи дека решението е возможно со зголемување на капацитетите и воведување современи медицински технологии.

Операциите во „Св. Еразмо“ ги изведе тим на ортопедски хирурзи предводен од проф. д-р Константинос Макридис од Грција, со учество на специјалистите д-р Огнен Шешоски, д-р Атанас Поп-Стефанија, д-р Александар Стевоски, д-р Стефан Бакаловски, д-р Дамјан Танески, како и анестезиолошкиот и медицинскиот тим на болницата.